Молитви за разни потреби

Молитва на нова година

Владико, Господи, Боже наш, Ти си извор на животот и бесмртноста, Создател на сите видливи и невидливи созданија. Ти си ги ставил времињата и годините под Твоја власт, Ти владееш над сè. Милостиво прими ја оваа наша благодарност и молба од нас, Твоите недостојни чеда и добросрдечно по­милуј нè. Ти благодариме за сите добрини што си ги пројавил кон нас во изминатиот период од нашиот живот и Те молиме, пре­милостив Господи, преку Твојата благост и со благодатта на Твоето човекољубие бла­гослови ја годината што настапува. Отстрани од нас секаков Твој гнев поради нашите гревови. Не спомнувај ги, а прости им ги на сите Твои луѓе нивните безбројни пре­грешенија и сите волни и неволни гревови што сме ги направиле во изминатата година. Не казнувај нè поради нашите лоши дела, туку спомни си за нас со благост и милосрдие. Изгони ги од нас сите штетни за душата страсти и лоши навики и всади го во нас, во нашите срца, Твојот божествен страв, за да ги исполнуваме сите Твои заповеди. Во нашите срца обнови го Твојот вистински дух. Утврди нè во православната вера и помогни ни да успеваме во вршењето на добри дела. Прекрати ги сите ереси, секти и отста­пништва; утврди ги насекаде вистинската вера и благочестивиот живот. Поврати ги сите што отстапиле од вистинската вера и помогни им да ја познаат Твојата вистина, присоедини ги кон Твојата Света Пра­вославна Црква. Во оваа година чувај ја нашата Татковина, нашиот град и сиот Твој свет, од глад, од помор, од земјотрес, од потоп, од град, од меч, од напади на туѓинци, од војна, од смртоносни рани, болести, несреќи и тага. Изгони ги од нашата земја сите непријателства, безредија и меѓусебни борби. Дарувај ни мир, сила и нелицемерна љубов, уреден живот, здравје и успех во се­кое добро. Испрати ни дождови на време – рани и доцни, плодоносна роса, умерени и благовремени ветрови, животворна сончева топлина и земни плодови во изобилство. Милостив Боже, сочувај ја верата, закрепни ја нашата татковина, смири го светот, утеши ги нажалените, излекувај ги болните, крени ги паднатите, врати ги на патот на вистината и спасението сите заблудени. Помагај им на оние што се трудат, вразуми ги неразум­ните и закрилувај ги сираците и вдовиците. Удостој нè секогаш да Ти благодариме и да Те воспеваме, Тебе, беспочетниот Отец, со Твојот Единороден Син со Пресветиот,Бла­гиот и Животворен Твој Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

Поврзани молитви

Молитва при влегување во храм

Се зарадував кога ми рекоа: Да појдеме во домот на Господа. Господи, по Твојата го­лема милост ќе влезам во домот Твој и ќе се поклонам пред Тебе со страв во…

Молитва по излегување од храм

Ти се поклонувам Тебе, мојот Господ Бог, Кој си присутен со Твојата благодат во Тво­јот свет храм, особено во пречистите и живо­творни тајни. Пред Тебе,…