Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои. Многупати ме изми од моето беззаконие и очисти ме…
Покајни молитви
Молитви за покајание
(Од Покајниот канон кон Господа Исуса Христа и од Великиот канон на преподобниот Андреј Критски) 1 Помилуј ме, Боже, помилуј ме! Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш? Крајот се наближува и ќе се сматиш. Освести се за да те сожали Христос Бог, Којшто е насекаде и сè исполнува. О, тешко на мене грешниот! Повеќе од ситедруги сум за оплакување, нема во мене покајание, но подари ми, Господи, солзи за горко да ги оплакувам своите дела. Безумен, непокајан човеку, го губиш времето во мрзеливост. Помисли на животот, сврти се кон Господа Бога и оплакувај ги горко своите дела. Кога ќе бидат поставени престолите на страшниот суд, тогаш делата на сите луѓе ќе бидат разобличени. Горко ќе им биде на грешниците, зашто ќе бидат испратени во мака. Кога тоа го знаеш, душо моја, покај се за твоите лоши дела. Праведниците ќе се зарадуваат, а грешниците ќе се расплачат. Тогаш никој не ќе може да ни помогне, нашите дела ќе бидат осудени. Заради тоа пред крајот покај се од своите лоши дела. Овде патот е широк и пријатен за сладострасија, но ќе биде горко во последниот ден кога душата ќе се разделува од телото. И ти, човеку, варди се од нив, заради царството Божјо. Зошто го одминуваш бедниот, зошто му ја ускратуваш платата на работникот, зошто не го љубиш својот брат и одиш по блудот и гордоста? Остави ги таквите работи, душо моја, и покај се заради царството Божјо. О, безумен човеку, до кога ќе се измачуваш како пчелата и ќе собираш богатство? Скоро тоа ќе се изгуби како прав и пепел. Барај го повеќе царството Божјо. Спомни си, човеку, како поради гревовите си заробен од лаги, од клевети, од грабежи, од слабости и од лути ѕверови. Грешна душо моја, тоа ли го посакуваше? Ми трепери телото, зашто со сите делови сторив грев: преку очите со поглед, преку ушите со слушање, преку јазикот со злоречие и целиот се предадов на геената. Грешна душо моја, тоа ли го посакуваш? Кој прави такви нешта како менè Како свињата што лежи во калта, така јас му служам на гревот, но Ти, Господи, избави ме од тие гнасотии и дај ми срце да ги исполнувам Твоите заповеди. Освести се, непокајан човеку, и побрзај при Бога, спомни си на прегрешенијата, падни пред Создателот, заплачи и офкај, а Тој како милосрден ќе ти даде ум да ја запознаеш Неговата волја. Душо моја, зошто се збогатуваш со гревови? Зошто ја вршиш волјата на ѓаволот? На што се надеваш? Престани со тие работи и сврти се кон Бога со плач и викај: Милосрден Господи, помилуј ме мене грешниот. Помисли си, душо моја, на горкиот час на смртта и страшниот суд, на Твојот Создател и Бог, зашто ќе те земат ангели и ќе те поведат во вечниот оган. Затоа покај се пред смртта и викај: Господи, помилуј ме мене грешниот. Не надевај се, душо моја, на минливото богатство и на неправедно собраното, зашто не знаеш на кого сето тоа ќе му го оставиш, но викај: Христе Боже, помилуј ме мене недостојниот. Спомни си, душо моја, на вечниот живот, на небеското царство приготвено за светиите, на постојаната темница и Божјиот гнев кон лошите и викај: Христе Боже, помилуј ме мене недостојниот. Падни, душо моја, пред Божјата Мајка и помоли се, зашто таа е брза помошница на оние кои се каат, ќе го помоли својот Син и ќе ме помилува мене недостојниот. Како да не плачам кога ќе си помислам на смртта; зашто го видов братот како лежи в гроб обеславен, што понатака чекам и на што да се надевам, освен: Господи, дај ми покајание пред крајот. 2 Кога размислувам, јас непокајаниот, за многуте лоши дела извршени од мене, треперам од страшниот суден ден, но се надевам на Твоето милосрдие и како Давид викам кон Тебе: Помилуј ме, Боже, според Твојата голема милост. Единствена благословена Богородице, моите прегрешенија се многу, но јас прибегнувам при Тебе, чиста Дево и барам спасение. Посети ја мојата ослабната душа и моли го Твојот Син и наш Бог да ми додели прошка за сторените лоши дела. Најсвета Богородице, не оставај ме на човечка закрила во текот на мојот живот, туку сама заштити ме и помилуј ме. 3 Помилуј ме, Боже, помилуј ме! Еве, пристапувам јас, грешниот и преоптоварениот, пред Тебе, мојот Владика и Бог. Не смеам да погледнам кон Небото, туку само се молам и велам: Господи, дај ми ум за горко да ги оплакувам своите дела. Откаде да започнам да ги оплакувам делата на мојот непокајан живот? Како да го започнам, Христе, моето сегашно риданиè Но, како добросрдечен, дај ми прошка на гревовите. Ти ги исповедувам, Спасителу, сите гревови што ги направив и раните на душата и телото што ми ги направија внатрешни убиствени помисли. Спасителу, како Бог, прости ми ги сите намерни и ненамерни, јавни и скришни, сознаени и несознаени гревови, очисти ги и спаси ме. Пречиста Божја Мајко, погледни на мене грешниот, избави ме од примките на ѓаволот и насочи го мојот пат кон покајанието, за горко да ги оплакувам своите дела. Кога го гледам морето на животот дека се бранува од бурите на искушенијата, јас прибегнувам кон Твоето тивко пристаниште и викам: Многумилостив Боже, избави ја мојата душа од погибел. При Тебе пристапувам, Исусе, Ти згрешив, очисти ме и земи го од мене тешкиот гревовен товар и, како добросрдечен, дај ми солзи на умиление. Обрати внимание кон мене, Боже, Спасителу мој, со Своето милостивно око, и прими ја мојата горешта исповед. Немам ниту солзи, ниту покајание, ниту умилност. Сам Ти, Спасителу, како Бог дарувај ми ги. Ете, Богородице, твојот Син вика и нè повикува на добро, а јас грешниот секогаш бегам од доброто, но ти како милостива помилуј ме за да се покајам од лошите дела. Помислувам на страшниот ден и ги оплакувам своите лоши постапки. Како ќе му одговорам на бесмртниот Цар? Или со какво дрзновение јас блудниот ќе го погледнам Судијата? Добросрдечен Отец, единороден Сине и Свети Душе, помилуј ме. Тогаш немој да ми ја затвориш Твојата врата, Господи, отвори ја за мене којшто се кајам. Човекољубив Боже, којшто сакаш сите да се спасат, повикај ме како благ, прими ме мене што се кајам. Измачен сум од стрелите на непријателот што ја испоранија мојата душа и тело. Ете викаат гнојните рани на моите страсти. Сега сврзан со многуте пранги на гревовите и задржуван од лошите страсти и нечестивиот, прибегнувам при Тебе моето спасение и викам: Помогни ми, Дево, Мајко Божја! Не гнаси се од мене, Спасителу, не одвраќај го лицето од мене, земи го од мене тешкиот греовен товар и, како добросрдечен, дај ми прошка за моите падови во гревовите. Се исповедувам пред Тебе, Спасителу, Ти згрешив и Ти погрешив, но прости ми како добросрдечен. Јас Ти згрешив, Ти згрешив, повеќе од сите, Христе, Спасителу, немој да ме презреш. Ти си слаткиот Исус, Ти си мојот Создател, со Тебе, Спасителу, ќе се оправдам. Пресвета Богородице, помилуј ме мене грешниот,утврдиме во добродетелта и варди ме да не ме грабне неподготвен предвремената смрт. Ти поведи ме, Дево, во Божјото царство. Спасителу, Ти си го примил блудникот, разбојникот што се каеше – само јас оддолжив поради духовната мрзеливост и се заробив од своите лоши дела. Грешна моја душо, тоа ли го посака? Згрешив, Господи, Ти згрешив, зашто нема друг човек којшто толку згрешил и којшто ме надминал во гревовите. Господи, Ти викам: Помилуј ме, помилуј ме кога ќе дојдеш со Твоите ангели, за на секого да му го дадеш заслуженото, секому според делата. Преведен и човекољубив Боже, не презирај ги Твоите дела и не оставај го Твоето создание, дури иако јас самиот сум згрешил повеќе од сите луѓе, но, како Господ на сите, Ти имаш власт да ги простуваш гревовите. Прекрасна и брза помошнице на сите луѓе, Мајко Божја, помогни ми мене на недостојниот, зашто тоа го бара мојата грешна душа. Блудно го поминав својот живот на земјава и душата си ја предадов на темнината, но сега Те молам, Милостив Владико, ослободи ме од ропството на непријателот и дај ми разум да ја исполнувам Твојата волја. Ти, Божјо Слово, кога беше распнат, ги предаде Твоето тело и крв, телото за да ме обновиш,крвта за да ме измиеш, а духот го предаде, за да ме приведеш, Христе, при Твојот Отец. Кратко е времето на мојот живот и полно е со страданија и зла, но прими ме во покајание и во разум повикај ме, за да не станам плен, ниту храна на туѓинецот. Спасителу, Самиот биди ми милосрден. Целиот живот го минав во ноќ, зашто гревовниот мрак ми беше темница и густа магла, но Ти, Спасителу, направи ме син на денот. Богородице Дево, варди ме од видливото и невидливото зло и прими ги, Пречиста, моите молитви и принеси ги на Твојот Син, за да ми даде ум да ја исполнувам Неговата волја. Верувам, Господи, дека ќе дојдеш да ги судиш живите и мртвите и секој ќе застане на своето место, стари и млади, господари и кнезови, девици и свештеници, а кај ќе бидам јас? Поради тоа викам: Дај ми пред крајот покајание! Ако ги испитам моите дела, Спасителу, гледам дека со гревовите го надминувам секој човек и дека свесно и со премисла сум грешел, а не од незнаење. Сожали го, со жали го, Господи, Твоето создание, згрешив, прости ми, зашто само Ти единствениот Си чист по природа, а никој друг не е без нечистота. Владико, Владико Христе, знам дека Ти си тивко пристаниште, побрзај да ме избавиш од бескрајните длабочини на гревот и очајанието. Пречиста Богородице, прими ја мојата недостојна молитва и варди ме од предвремена смрт и пред крајот дај ми покајание. Сега прибегнувам при вас ангели, архангели и сите небески сили, коишто стоите пред Божјиот престол, молете се на Творецот да ја избави мојата душа од вечните маки. Сега плачам пред вас, свети патријарси, цареви, пророци, апостоли, светители и сите Христови избраници: Помогнете ми на судот да ја спасам душата од непријателската сила. Сега кон вас ги подигнувам рацете, свети маченици, пустињаци, девственици, праведници и сите светии, коишто се молите на Господа за сиот свет, да ме помилувате на смртниот час. Пред Тебе, мојот Судија, ги исповедав тајните на моето срце, види го моето смирение и жалост, обрати внимание кон мене и помилуј ме како добросрдечен, Боже на нашите отци. Спасителу, помилуј ме мене грешниот, подигни го мојот ум кон обратување, прими ме мене што се кајам, смилувај се кон мене што викам: Ти згрешив, спаси ме, беззаконував, помилуј ме! Праведен Спасителу, помилуј ме и избави ме од огнот и од стравотиите што праведно ќе ги претрпам на судот, облечи ме пред крајот со добродетели и покајание. Судијо мој, Којшто добро ме познаваш и Којшто пак ќе дојдеш со ангелите да го судиш сиот свет, тогаш со Своето милостиво око погледни ме, сожали се и смилувај се на мене, Исусе, зашто згрешив повеќе од секој друг човек. Божја Мајко, помогни ми мене којшто многу се надевам на Тебе, помоли го Твојот Син да ме постави мене недостојниот од десната страна кога ќе седне да ги суди живите и мртвите.
Поврзани молитви
На Тебе, мојот Господ и Создател, Единствениот Бог, Кого Го прославувам и на Кого му се поклонувам во Светата Троица – Отецот, Синот и Светиот Дух, ги…
Спасителу! Научи ме да простувам од душа на сите, коишто со нешто ме повредиле. Знам дека не можам да застанам пред Тебе со чувството на омразата, која се крие…