Молитви кога сме во душевни таги и неволји

Молитва кон Свети наум охридски – исцелител на болни

Угодниче на живиот Бог, Свети Науме Чудотворче, Ти си го исполнил законот на Бога и Спасителот наш Исуса Христа и си добил од Него живот вечен, Тебе со љубов Ти се поклонуваме и Тебе смирено Ти благодариме за премногуте Твои чудотворства, со кои си им помагал на немоќните луѓе и си го прославил името на Господа и Спасителот свој. Верен слуго Божји, Тебе Ти се даде благодат на Светиот Дух Божји: демони да изгонуваш, болни да лекуваш, слаби да подигнуваш, натажените да ги утешуваш и на луѓето да им помогнуваш во сите неволји. Заради тоа ние, иако недостојни, Те почитуваме Тебе како духовна харфа преку која се излива и утеха небеска на ониенакои им е потребна, и восхитено Го величаме Создателот Кој Тебе, иако си човек, Ти дарувал таква Божја сила и богатство. И сега, праведниче и пријателе на ангелите, преподобен оче наш Науме, пред Тебе ничкум паѓаме и со покајание и умилно Ти се молиме: не престанувај да се молиш пред престолот на Пресветата, Едносуштна и Неразделна Троица за сиот православен род христијански, за праведните и грешните, за сите кои се на власт, за сите кои се во неволји и маки, за епископите, свештениците, ѓаконите и монасите, за основателите и приложниците на твојот свет манастир, за оние што доаѓаат и се поклонуваат на твоите свети и сечесни мошти, за сите православни кои Ти се молат, за болните и за оние што умираат со вера, за старите и младите, за девојките и мајките, за заробениците и за нивно спасение и за сиот православен наш народ. Светителу оче наш Науме, покриј ги нашите слабости и излекувај ги нашите болки со Твоите молитви. Сега уште Ти се молиме и за слугата Божји ( се кажува името) , кој страда од слабост и тешка болест. Ако е врзан поради свој грев или грев на неговите родители, или грев на роднините свои, и ако поради гревго снајде оваа болест, Ти посредувај, о ангелоподобен светителу, пред престолот на Господа, Кој Те прославил да му го прости гревот и од болеста да го исцели. Ако, пак, оваа болест е по Божјо допуштение, според светата реч Божја: Кого Господ го љуби, него и Го кара, го бие секој син кого го прима, тогаш Ти умилно моли Го Семилостивиот и Сежалостивиот Бог да се смилува на овој слуга Свој и да не допушти натчовечки страдања: зашто луѓето се тело и ништожни, и ние не можеме да совладаме ниедно страдање без благодатта Божја што нè окрепува. Светителу, оче наш Науме, слушни нè брзо и исцели го слугата Божји ( се кажува името ) со Твоите свети молитви, за да не речат неверниците: Каде е неговиот Бог. О, свети и преподобен оче Науме, покажи ја силата што Ти е дадена од Семоќниот Бог Господ и на овој слуга, како што си ја покажувал и досега на безброј болни и слаби и на оние кои со вера и покајание и молитви доаѓаат на Твојот чесен гроб. Исцели му ја и оздрави му ја душата и телото, изгони го и исфрли го од него пакосникот на човечките тела – ѓаволот, закрепи го неговото тело со здравје и сила, за да има во што да се подвизава и кае неговата душа и да се подготвува за Царството небеско; отерај ја од него предвремената смрт, за да му угодува на Бога со добри дела и да најде милост пред Бога на страшниот суд Божји. Помоли се, о преславен Науме Чудотворче, за својот слуга, Господ да му ги прости сите гревови волни и неволни и да го очисти со својот Свет Дух од секаква нечистотија со Твоите свети молитви, оче Науме, за и тој да ја прослави Светата Троица, Која Тебе Те прославила, Отецот, Синот и Светиот Дух, сега и секогаш во сите векови. Амин!

Поврзани молитви

Молитва во жалости

Милосрден Боже, Којшто никого не го искушуваш повеќе од неговите сили и Којшто си ги впишал сите мои дни во Твојата книга, дај ми вистинско христијанско…

Молитва за нашите покојни

Боже на духовите и на секоја плот, Којшто си ја урнал власта на смртта и владееш над живите и мртвите, извор на привремениот и на вечниот живот, Којшто не ги…