Молитви кога сме во душевни таги и неволји

Молитви за трпение кога сме болни

Господи, моите телесни сили се скршени. Ти се молам, помилуј ме, да не ослаби и мојот дух. Честопати телесната болест е здравје за душата, зашто кога сме болни, подобро ја сознаваме нашата душевна состојба, се учиме да трпиме и си споменуваме дека сè што е земно е измамливо и е ништожно само по себе, а над сè друго е Твојата света волја. Ти се молам, предобар Господи и небесен Оче, како што си бил со мене кога сум бил здрав и радосен, биди со мене и сега кога сум болен и тажен. Утешувај ме, крепи ме, давај ми сила за да можам да Ти угодам и да се спасам, помогни ми трпеливо да ги поднесам сите маки. Дај ми оваа болест да ме доведе до сознание дека не само кога сум здрав, туку и кога сум болен и страдам, не треба да Те нажалувам, а да Те сакам; Боже, пак Ти се молам, поткрепи ме да бидам трпелив, да живеам со Тебе и вистински да се радувам на животот и сега кога сум болен, оваа болест да ми послужи за придобивање на вечен живот. Амин. 2 Владико Седржителу, свети Цару, Којшто накажуваш, но не умртвуваш, Којшто ги поткрепуваш тие коишто паѓаат ниско, ги изведуваш пропаднатите и ги исправуваш телесните неволји на луѓето. Ти се молам, Боже наш, посети го со Твојата милост Твојот слуга (или: Твојата слугинка) (името) , којшто ( којашто) боледува и прости му (ѝ) ги сите намерни и ненамерни гревови. О, Господи, испрати ја од небото Својата целителна сила, допри се до неговото ( нејзиното) тело и угасни го огнот, соприго страданието и секоја болест што се крие во него ( неа) и биди му (ѝ ) лекар на твојот слуга (слугинка) , подигни го (ја) од болничката постела и исправи го (ја) цел ( цела) од леглото на злостраданието и подари му (ѝ ) го (ја) на Твојата света Црква да Ти благоугодува и да ја исполнува Твојата света волја. Зашто во Твоја власт е да милуваш и спасуваш, Боже наш и затоа Те прославуваме Тебе, Отецот, Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин. 3 Господи, сакам да оздравам. Ти ги понесе нашите болести. Земи ги сите мои сили во Својата рака и исцели ме. Ти си мир, а јас сум немирен и полн со страв. Ти ги зеде моите гревови врз себе. Дојди, и дај ми го Твојот мир. Од длабочината на мојата душа викам кон Тебе, Господи, слушни го мојот глас и помогни ми, зашто викам од неволјата и стравот. Ти се молам за Твојата близина и помош. Ти се молам да направиш чудо на моето тело и душа и да ги исцелиш. Не ги познавам Твоите мисли, не знам зошто сум болен, само сум убеден дека тоа е Твоја волја. Бев здрав и се потпирав на својата сила. Сега други се грижат за мене. Тоа е Твоја волја и би сакал тоа да го научам. Живеев меѓу здравите и не ги забележував болните. Сега гледам околу себе море страдалници, дај ми очи за сите што трпат со мене. Мислев дека мојот живот ќе продолжи без крај, но овој час ме приближува кон мојот крај. Спреми ме за часот на мојата смрт. Секогаш работав, и никогаш немав време. Сега времето ми минува бескорисно. Во сето тоа ја гледам Твојата волја. Зад себе оставив многу неред, многу кавги, многу нељубезности и суровости на срцето. Прости ми го мојот долг и дај ми време и јас на сите да им простам. Оздрави ме, Господи, на телото и душата и дај ми пак да започнам здрав, на оваа земја или, ако е Твоја волја, во вечниот живот. Се предавам на Твојата волја. Тебе сакам да Те најдам, Тебе да Те примам, Тебе да Ти багодарам и да Те славам секогаш. Амин.

Поврзани молитви

Молитва во жалости

Милосрден Боже, Којшто никого не го искушуваш повеќе од неговите сили и Којшто си ги впишал сите мои дни во Твојата книга, дај ми вистинско христијанско…

Молитва за нашите покојни

Боже на духовите и на секоја плот, Којшто си ја урнал власта на смртта и владееш над живите и мртвите, извор на привремениот и на вечниот живот, Којшто не ги…